Помеѓу 4 и 8 март делегација од градоначалници и претставници на 8 општини од Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање учествуваа на студиска посета во Шведска посветена на климатска акција. Градоначалниците и претставниците од општина Битола, Струмица, Делчево, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Лозово и Пласница, како и претставникот од одделението за соработка со локалната самоуправа при Министерството за животна средина и просторно планирање ги посетија Малме и Лунд со цел да се запознаат со практичните мерки за заштита на животната средина, урбаното планирање и развој и соработката со академската заедница и граѓаните за создавање на одржливи и отпорни градови.

Учесниците имаа средби со претставници на општините Малме и Лунд, како и со универзитетите во Малме и Лунд и имаа можност да посетат локации каде климатската акција и одржливото урбано планирање се практично применети и видливи.

Студиската посета, во организација на Еко-свест и поддршка од Шведска, овозможи нови знаења за учесниците и ја потврди потребата од заедничка соработка и размена на податоци и научени лекции. Беше евидентно дека иновацијата има движечка улога во напорите за одржливо живеење.

Учесниците ја оценија посетата како корисна бидејќи им овозможи да ги прошират своите видици и да размислат како одредени практики од Шведска може да се применат и кај нас, особено во делот на учеството на јавноста во заедничкото урбано планирање, улогата на академијата и експертите во прибирањето податоци кои ќе се применат во планирањето, како и меѓусебната соработка и размена на позитивни практики.